Поставувањето на сцена на делата на Шекспир секогаш претставува голем предизвик за еден режисер и за еден театар. Овој
пат режисерот Куштрим Бектеши се нафати со таков предизвик, чија премиера се очекува следниот месец.
Трагедијата „Ричард Трети“ се занимава со најтемната страна на човековата природа во борбата за моќ, одмаздата и тиранското владеење над другите.
Како се создава еден Ричард Трети и како таква темна фигура доаѓа на власт? Која е колективната одговорност во создавањето и „крунисувањето“ на еден тиранин или автократ? Дали силеџиството како општествена реалност, кај нас и во светот, е клучен фактор за деформација на човечкиот карактер и за создавање на еден модел каков што е Ричард Трети, кој е способен да го уништи целото човештво? – овие и слични прашања ќе ги постави претставата, обработувајќи ги темите на крвавата борба за власт, корупцијата, насилството и нивните последици.
„Денес, кога глобалната демократија е загрозена од автократски режими, кога вистината е загрозена од лажните вести, неопходно е да се ‘оживее’ на сцена Ричард Трети, за да се подигне свеста за колективната одговорност за спречување на тоа некој налик нему да ‘оживее во нашата реалност’ и со неговото владеење да ја загрози нашата слобода и демократија“ – вели режисерот Куштрим Бектеши.
Премиерата на претставата „Ричард Трети“ доаѓа на сцената на нашиот Театар во месец март.